1 Kings 1
1 Кога царот Давид остаре и исполни години, иако го завиткуваа во алишта, но не можеше да се стопли.
2 Тогаш неговите слуги му рекоа: »Нека побараат за нашиот цар – господар млада девица, за да стои при царот, да го гледа и да лежи при него, – и ќе му биде топло на нашиот цар – господар.«
3 И бараа по сите израилски предели убава девица, и ја најдоа Ависага, Сунамитка, и ја доведоа при царот.
4 Девицата беше многу убава; таа го гледаше царот и му служеше; царот, меѓутоа, не ја позна.
5 Адонија, синот Агитин, се возгордеа и рече: »Јас ќе бидам цар.« Па си набави коњи и коњаници и педесет души брзоодци.
6 Но татко му негов не го обеспокојуваше никогаш со прашањето: »Зошто го правиш тоа?« Тој беше многу убав, а му се беше родил по Авесалома.
7 И тој се советуваше со Саруевиот син Јоав и со свештеникот Авијатар, и тие му помагаа на Адонија.
8 Но свештенкот Садок и Ванеја, Јодаевиот син, пророкот Натан, Семеј, Рисиј и Давидовите јунаци не ја држеа страната на Адонија.
9 И Адонија закла овци, волови и телиња при каменот Зоелет, што е при изворот Рогел, и ги покани сите свои браќа, царски синови, и сите Јудејци што служеа при царот.
10 А пророкот Натан и Ванеја, и другите јунаци и братот свој Соломона не ги покани.
11 Тогаш Натан ѝ рече на Вирсавија, Соломоновата жена, велејќи: »Слушна ли, дека Агитиниот син Адонија се прогласи за цар, а нашиот господар Давид не знае за тоа?
12 Сега, ете, јас те советувам: спасувај го животот свој и животот на синот свој Соломона.
13 Оди и влези при царот Давида и кажи му: ‚Нели ѝ се колнеше, господару мој, цару, на слугинката своја, велејќи – синот твој Соломон ќе биде цар по мене и тој ќе седне на престолот мој? – Зошто тогаш се прогласил за цар Адонија?‘
14 И ете, додека уште говориш таму со царот, ќе влезам јас со тебе и ќе ги дополнам твоите зборови.«
15 Вирсавија отиде при царот во спалната; царот беше многу стар, и Сунамитката Ависага му служеше.
16 Вирсавија се наведна и му се поклони на царот; царот праша: »Што бараш?«
17 Таа му одговори: »Ти ѝ се заколна на слугинката своја во Господа, твојот Бог: – син ти Соломон ќе царува по мене и тој ќе седне на мојот престол.
18 А сега, ете, Адонија се прогласил за цар, а ти, господару мој, цару, не знаеш за тоа.
19 Тој заклал многу волови, телиња и овци и ги поканил сите царски синови, свештеникот Авијатар и воениот началник Јоав; а Соломон, твојот слуга, не го поканил.
20 Но ти си цар, господару мој, и кон тебе се свртени очите на сите Израилци, за да им соопштиш, кој ќе седне на престолот на мојот цар – господар по него.
21 Инаку кога мојот господар, царот, ќе почине при татковците свои, ќе ме обвинат мене и синот мој Соломона.«
22 Додека таа уште говореше со царот, дојде и пророкот Натан.
23 Му соопштија на царот, велејќи: »Еве го пророкот Натан.« И тој влезе при царот и му се поклони ничкум до земја.
24 И Натан рече: »Господару мој, цару! Си рекол ли ти: ‚Адонија ќе царува по мене и тој ќе седне на мојот престол?‘
25 Зашто тој сега слегол, заклал многу волови, телиња и овци, ги поканил сите цареви синови, воени началници и свештеникот Авијатар, и, ете, тие јадат и пијат кај него, и извикуваат: ‚Да живее царот Адонија!‘
26 А мене, твојот слуга, свештеникот Садок, Јодаевиот син Ванеја и твојот слуга Соломона не нѐ покани.
27 Дали станало тоа по волјата на мојот цар – господар? И зошто ти не му откри на својот слуга, кој ќе седне на престолот на мојот цар – господар по него?«
28 Одговори цар Давид и рече: »Повикајте ми ја Вирсавија.« Таа влезе и застана пред царот.
29 Царот се колнеше и велеше: »Жив е Господ, кој ја спасуваше душата моја од секоја неволја!
30 Како што ти се колнев во Господа, Бога Израилев, велејќи дека син ти Соломон ќе царува по мене и тој ќе седне на престолот мој место мене, – така и ќе го направам тоа денес.«
31 Тогаш Вирсавија се наведна ничкум до земја, му се поклони на царот и рече: »Да живее мојот господар, царот Давид, засекогаш!«
32 И царот Давид рече: »Повикајте ми го свештеникот Садок, пророкот Натана и Јодаевиот син Ванеја.« И тие влегоа при царот.
33 Тогаш царот им рече: »Земете ги со себеси слугите на вашиот господар, качете го Соломона, мојот син, на маската моја и одведете го во Гион.
34 И таму свештеникот Садок и пророкот Натан нека го помажат за цар над Израилот, затрубете со труба и извикајте: ‚Да живее царот Соломон!‘
35 Потоа придружете го назад, и тој ќе дојде и ќе седне на мојот престол; тој ќе царува место мене; нему сум му ветил да биде водач на Израилот и на Јуда.«
36 Ванеја, Јодаевиот син, му одговори на царот и рече: »Амин! – така нека каже Господ, Бог на мојот цар – господар:
37 како што Господ беше со мојот цар – господар, така да биде Он и со Соломона и да го возвеличи престолот негов повеќе од престолот на мојот господар, царот Давида!«
38 Тогаш свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Ванеја, Херетејците и Фелетејците отидоа и го качија Соломона на маската од цар Давида и го поведоа кон Гион.
39 И свештеникот Садок зеде рог со елеј од скинијата и го помаза Соломона. И затрубија со труба, и сиот народ извика »Да живее царот Соломон!«
40 И сиот народ го придружуваше Соломона и народот свиреше со свирки и многу се радуваше, така што земјата трепереше од викањето негово.
41 И чу Адонија и сите поканети од него, што беа престанале да јадат; а Јоав, откако чу звук на труба, запраша: »Од што ли е овој шум на разбрануваниот град?«
42 Додека уште говореше, дојде Јонатан, синот на свештеникот Авијатар. И Адонија му рече: »Влези, ти си чесен човек и носиш добра вест.«
43 Јонатан одговори и му рече на Адонија: »Нашиот господар, царот Давид, го постави Соломона за цар;
44 и царот го испрати со него свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Ванеја, Херетејците и Фелетејците, и тие го качија на царската маска;
45 и свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа во Гион за цар, и тргнаа оттаму со радост, и градот се раздвижи. Ете од што е шумот, што го слушате.
46 И Соломон веќе седна на царскиот престол.
47 А царските службеници доаѓаа да го поздрават нашиот господар, царот Давида, велејќи: ‚Твојот Бог нека го прослави името на Соломона повеќе од твоето име и нека го возвеличи неговиот престол повеќе од твојот престол!‘ И царот се поклони од леглото свое
48 и го рече ова: нека е благословен Господ, Бог Израилев, Кој денес од семето мое го дарува седнатиот на мојот престол, и тоа моите очи да го видат!«
49 Тогаш сите поканети при Адонија се уплашија, станаа и се разотидоа секој по патот свој.
50 Адонија, пак, плашејќи се од Соломона, стана, отиде и се фати за роговите на жртвеникот.
51 и му соопштија на Соломона, велејќи: »Адонија се плаши од царот Соломона, и, ете, тој се држи за роговите на жртвеникот и вели: ‚Нека ми се заколне сега царот Соломон, дека нема да го убие со меч својот слуга.‘«
52 И Соломон рече: »Ако тој биде чесен човек, ни едно влакно од него нема да падне на земјата; но, ако се најде во него лукавство, ќе умре.«
53 Тогаш Соломон истрати, та го доведоа од жртвеникот. Тој дојде и му се поклони на цар Соломона. А Соломон му рече: »Оди во домот свој!«